Делегација на КФОР предводена од командантот на мисијата, генерал-мајор Џовани Фунго денес престојуваше во еднодневна редовна работна посета на ГШ и МО на РМ.
Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, ја истакна одличната соработка помеѓу АРМ и силите на КФОР. На средбата со НГШ на АРМ стана збор за безбедносната состојба во регионот, редовна размена на информации и унапредување на соработката со цел зачувување и јакнење на стабилноста и безбедноста во регионот. Воедно беше наведена и добрата соработка со канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.
За време на престојот, генералот Фунго беше примен и од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Во рамките на мисијата КФОР, Република Македонија обезбедува постојана логистичка поддршка за НАТО од самиот почеток. Во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.