Управувањето и менаџирањето со човечките ресурси и унапредување на процесот на водење во кариера на воениот персонал како важна компонента во процесот на имплементација на одредбите од Стратегискиот Одбранбен Преглед (СОП) беше цел на посетата на стручен тим од Националната Гарда на Вермонт од САД која е продолжение на соработката во доменот на човечките ресурси реализирани во октомври 2018 и август 2019 година.
За време на посетата од страна на експертите од доменот на човечките ресурси се споделија искуства во процесот на водење во кариера на воениот персонал на стратегиско, оперативно и тактичко ниво и се дадоа совети во реализација на активностите од Планот за имплементација на СОП-2018 кои се однесуваат на управувањето со човечките ресурси во Армијата.
Помеѓу останатото за време на неколкудневните експертски разговори се разработија процесот на трансформација на управувањето со човечки ресурси во министерството за одбрана и Армијата и стратегиските документи кои го регулираат ова прашање, Планирање на пополнување и развој на лесна пешадиска баталјонска група, развој на процесот на менаџмент со кариера и концептот за оценување на персоналот во Армијата и процесот на управување со човечки ресурси на ниво бригада/баталјон во Националната Гарда на Вермонт.
На 06.02.2020 година, претставниците на тимот за Управувањето и менаџирањето со човечките ресурси на НГ на Вермонт одржаа завршна презентација на која ги презентираа нивните заклучоци од посетата пред Државниот секретар во МО, Директорот на ГШ, претставници на организационите единици во министерството за одбрана и ГШ на Армијата и претставници од канцеларијата за одбранбена соработка со САД.
Од страна на тимот беше искажано големо задоволство за досегашните напори во процесот на трансформација на човечките ресурси во Армијата и дадени се препораки за понатамошно унапредување на целокупниот процес.