Денес, 18 декември, во Регионалниот центар за односи со јавноста во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје се одржа редовниот годишен брифинг со одбранбените аташеи на кој се обратија: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, хрватското одбранбено аташе полковник Стјепан Домјанчиќ.
Министерот Мисајловски во своето обраќање потенцираше дека денешниот брифинг како и средбите кои се реализираат со одбранбените аташеи се јасен доказ за нашата посветеност на билатералната и мултилатералната одбранбена политика и соработка. „И мојата татковина, и државите кои ги претставувате се дел од еден глобален меѓународен поредок кој може да функционира и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани само ако соработуваме искрено и посветено и ако имаме една цел пред нас – а тоа е мирот, стабилноста и демократијата“, рече Мисајловски.
Мисајловски се осврна и на идниот развој за одбраната и Армијата и одбранбениот буџет од кој 32 проценти се наменети за модернизација и опремување. „Споредено со 2024 година тоа се над 18 милиони евра повеќе за нова и модерна опрема, за посилна Армија, за посилна колективна одбрана во НАТО – Алијансата. Тоа е уште еден неоспорен доказ дека нашата држава е активен и посветен сојузник“, истакна министерот Мисајловски.Трите развојни приоритети во одбраната – стабилното буџетирање, засилувањето на процесот на модернизација и целосното почитување на правата и обврските кон вработените, успешно се реализирани“, рече Мисајловски и додаде дека на ист начин ќе продолжиме да работиме и следната година.
Генералот Лафчиски упати благодарност до одбранбените аташеи за помошта во градењето и модернизацијата на одбранбените капацитети преку билатералната соработка, но и преку многубројните вежбовни активности. „Следната 2025 година оваа поддршка и соработка со вас, меѓутоа и поддршката која ќе ја добиеме од Министерството и од Владата ќе биде уште повеќе изразена“, потенцираше генералот Лафчиски.
Во оваа прилика генералот изрази благодарност и за навремената несебична поддршка при гаснењето на пожарите, кои летово ја зафатија нашата држава. Притоа истакна дека како примарна цел, во контекст на регионалната соработка и соработката со партнерите, ќе биде зајакнувањето, посебно на регионалната соработка преку градењето на капацитети со што ќе се зголеми интероперабилноста и интероперативноста со нашите сојузници и партнери.
Полковникот Стјепан Домјанчиќ упати благодарност до раководството во Министерството и Генералштабот за можноста од прва рака да се слушнат пораките за развојот на одбранбениот сектор и нагласи дека земјава е препознаена и ценета членка во НАТО и дека македонската надворешна политика е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија.
На брифингот со одбранбените аташеи се дава целосен осврт на меѓусебната соработка во годината што изминува, а се разговара и за чекорите кои ќе се преземат следната, 2025 година.