Kомандантот на мисијата на НАТО, КФОР во Косово, генерал-мајор Франко Федеричи, денес оствари работна посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, која е негова прва официјлна посета по неговото поставување на оваа должност во месец ноември.
За време на престојот во Министерството и Генералштабот, генералот Федеричи најпрвин се запозна со процесот на трансформација во Армијата на Република Северна Македонија и со нашето учество во мировните операции и активностите во поддршка на државните институции во справување со кризи по што оствари издвоени средби со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Федеричи, беше истакната досегашната одлична соработка помеѓу Армијата и силите на КФОР, која од оваа година е крената на повисоко ниво со директното учество на припадниците на Армијата во активностите во рамки на мисијата, кое во понатамошниот период е планирано да се зголемува на уште повисоко ниво. На средбата помеѓу другото се разговараше за севкупната безбедносна состојба во регионот, како и за понатамошните заеднички активности насочени кон унапредување на соработката со цел јакнење на регионалната стабилност и безбедност.
Република Северна Македонија, како 30-та земја членка на НАТО, за првпат започна со директно учество во мисијата КФОР во Косово од ноември оваа година, кога првата ротација составена од 44 припадници на Армијата, штабни офицери и вод за обезбедување, отпочна со извршување на задачи во главната команда на мисијата и во регионалната команда на КФОР-„Запад“.
Следната ротација во НАТО операцијата “КФОР” планирана е да се зголеми за уште 21 припадник или вкупно 65 припадници, додека во јули 2021 година, дополнително ќе бидат упатени 115 припадници во мултинационалната бригада Исток (една ротација од 9 месеци), која ќе извршува задачи заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт.
Покрај директното учество, Република Северна Македонија продолжува со логистичка поддршка на силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот на НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на логистичката база и кој функционира од почеток на мисијата.
Делегацијата на КФОР, покрај денешната посета на Генералштабот и Министерството за одбрана ќе оствари посета и на останатите државни институции со кои КФОР соработува во областа на безбедноста, а генералот Федеричи ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.