Вчера, 22-ри септември (недела) на Армискиот полигон (АП) Криволак се изведе тактичка вежба со боево гаѓање „Засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“ на која учествуваа единиците од составот на Средната пешадиска баталјонска група (СПБГ).
На вежбата присуствуваа: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, командантот на Здружената оперативна команда генерал – мајор Методија Величковски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (мпбр) бригаден генерал Павле Арсоски, командантите на потчинетите команди и единици и други гости.
Со вежбата раководеше командантот на 1.мпбр а пред нејзиното изведување и претходеше подготвителна обука, извежбувања и програмски боеви гаѓања со механизираните пешадиски одделенија, вод и чета, како боеви гаѓања со минофрлач 82 мм, минофрлач 120 мм и хаубица 105 мм.
Вежбата се изведе врз замислено сценарио креирано врз основа на потребите за употреба на единиците во опкружување за мировни операции, односно операции за справување со кризи, со што ќе може низ приближно реални услови да се оцени борбената готовност и интероперабилност на декларираните единици. Оваа вежба која се изведе во рамките на подготвителната обука за претстојната вежба „Македонски Блесок-9“ беше идеална прилика за согледување на подготвеноста на декларираните единици кои се во составот на СПБГ. Вчера, на АП „Криволак“ можеше да се види одлична извежбаност и синхронизираност на единиците на бојното поле, што беше демонстрирано со артилериска подготовка од различни орудија и уништување на целите од страна на пешадиските единици.
По завршување на вежбата, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески не криеше задоволството од одличните резултати и извежбаноста, кои вчера беа покажани на вежбата, при што истакна дека во наредниот период е потребно да се планираат вежби за изведување на операции во урбана средина.