Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Словенија.
Во текот на вчерашниот ден по приемот со воени почести во Генералштабот на Армијата на Република Словенија, генералот Ѓурчиновски оствари средба со својот домаќин, генерал-мајор Роберт Главаш.
На средбата помеѓу началниците на Генералштабови на двете армии, се разговараше за билатералната воена соработка и заедничките вежбовни активности во кои учествуваат двете армии, безбедносните закани во регионот, продолжување на билатералната армиска соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите.
Генералите Ѓурчиновски и Главаш ги истакнале и можностите за продлабочување на понатамошната соработка и заедничката обука помеѓу армиите на Република Северна Македонија и Република Словенија.
За време на престојот во Република Словенија, генералот Ѓурчиновски во текот на денешниот ден оствари средба и со државниот секретар во Министерството за одбрана, г. Урош Лапрет на која исто така е разговарано за меѓусебната одлична соработка во полето на одбраната. Делегацијата за време на престојот во текот на денешниот ден ја посети и Командата на првата бригада на словенечката армија и декларираната единицата за АБХО одбрана како и хуманитарната и непрофитна организација за асистенција и поддршка во постконфликтни зони „ИТФ“.
Република Словенија е една од првите земји со која Република Северна Македонија има потпишано документ за соработка во полето на одбраната и со која имаме редовно учество во вежбовни активности. Во текот на овој месец припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Постојна, Република Словенија ќе учествуваат на меѓународната вежба за справување со кризи „Disaster Relief and military mobility exercise“.