Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како дел од неговите плански активности за обиколка на потчинетите команди и единици на Армијата, денес изврши обиколка и информирање на припадниците на единиците стационирани во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово.
Началникот на Генералштабот изврши информирање за актуелната состојба со ангажманот на Армијата во асистенција на институциите, имплементирање на процесот за потполна интеграција во НАТО, текот на трансформацијата во Армијата и идните задачи и активности кои ја очекуваат Армијата на Република Северна Македонија.
Генералот Ѓурчиновски истакнувајќи го ангажманот и придонесот на припадниците на Армијата во справување со пандемијата со вирусот „Ковид-19“, оддаде признание на сите припадници на Армијата кои на достоинствен и професионален начин се ангажираат во спроведување на сите дадени задачи во кризната состојба, притоа оправдувајќи ги очекувањата од граѓаните, државното раководство и Генералштабот.
На информирањето беа присутни и командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски и на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Бесник Емини.
Началникот на Генералштабот во текот на месецот ги обиколи единиците на Армијата во гарнизонот Кичево и Скопје, а до крајот на годината ќе изврши обиколка и на останатите единици.