Денес (29 јуни 2015 година) со високи воени почести во ГШ на АРМ беше пречекана висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Кралството Норвешка, предводена од НГШ на ВС на Кралството Норвешка, адмирал Хакон Брун-Хансен, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на АРМ.
Во обраќањето пред медиумите Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески ја истакна соработката со ВС на Кралството Норвешка која во изминатите години се движи во нагорна линија, што за АРМ е од врвен приоритет. Истакнувајќи ги искуствата и научените лекции кои АРМ ги стекна за време на извршувањето на задачите на хируршкиот тим на АРМ во рамките на Норвешката полска болница, во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан, генералот Котески најави понатамошно проширување на соработката со ВС на Кралството Норвешка. НГШ на АРМ посебно се заблагодари за поддршката од страна на ВС на Кралството Норвешка, за развојот на проектот за Балкански воено-медицински сили, чиј штаб е планирано да биде лоциран во Република Македонија.
Адмиралот Брун-Хансен соработката со АРМ ја оцена како значајна, нагласувајќи дека во професионалните квалитети и способности на припадниците на АРМ, се уверил лично за време на нивното заедничко ангажирање во мисијата ИСАФ во Авганистан. Тој нагласи дека е особено задоволен од фактот што ВС на Кралството Норвешка помогнаа во трансформацијата на АРМ и одбраната на Република Македонија. НГШ на ВС на Кралството Норвешка, истакна дека во иднина ќе се изнаоѓаат патишта за јакнење на соработката на двете армии, при што ја истакна поддршката на Република Македонија кон полноправното членство во НАТО.
За време на престојот во ГШ на АРМ, адмиралот Брун-Хансен оствари средба со заменик министерот за одбрана, Иљми Селами.
На разговорите пред гостите од Кралството Норвешка, беше презентирана трансформацијата на АРМ и учество во меѓународни мисии за поддршка на мирот, а се разговараше и за меѓуармиската соработка во регионот, како и за унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии.
НГШ на ВС на Кралството Норвешка, за време на посетата, ќе посети дел од командите и единиците на АРМ, каде ќе се запознае со нивната мисијата, задачи и обука.
Во периодот од 2008 до 2012 година, во рамките на Норвешката полска болница во Мејмана, Авганистан беше распореден хируршки тим на АРМ кој успешно ги извршуваше задачите заедно со норвешките колеги. Кралството Норвешка на АРМ & донираше една комплетна Лесна маневарска полска болница во вредност од околу 2,5 милиони евра, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема во вредност од 57.000 евра, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот „Лепеза“ и Регионалниот центар за односи со јавноста.