За прв пат во независна и суверена Република Македонија се одржува Светско воено првенство во борење. Македонскиот боречки тим во периодот од 21-25 септември во ВИП арената „Борис Трајковски“ ќе има можност да ги одмери силите со боречки тимови од 32 нации од 4 континенти.
Утрово во прелиминарните-квалификациони натпревари македонскиот боречки тим настапи со неколку учесници во дисциплината – слободен стил. Прва се натпреваруваше Менка Стојановска во категоријата до 55 килограми, веднаш по неа следуваше Иле Ѓеоргиев во категорија до 61 килограм. Веднаш по натпреварот имавме можност да разговараме со Стојановска на која ова и е само втор интернационален настап. За време на ова првенство пред се очекува да добие драгоцено искуство, да оствари што е можно повисок пласман и пред се да стекне голем број пријатели од целиот свет.
Професионалниот војник Иле Ѓорѓиев во денешните квалификации за противник имаше натпреварувач од Литванија. Самата борба беше една од најнеизвесните во прелиминарните–квалификациони натпревари. Ѓорѓиев и покрај бројните досегашните настапи за македонската боречка репрезентација истакна дека ова првенство е негов најголем предизвик. Посебна мотивација за натпреварувачите од македонскиот боречки тим е претставувањето на Армијата на Република Македонија и нејзина афирмација во рамките на светските и олимписки натпреварувања.
Самиот почеток на 31-то Светско Воено првенство во борење најавува дека ќе следат многу интересни натпревари и дека Македонската Боречка екипа може да се надева висок пласман и освојување на медал.