Денес, 24-ти јуни 2014 година, во ГШ на АРМ се одржа пригодна свеченост по повод испраќањето на шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Александар Александров. На свеченоста присуствуваше началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, новиот шеф на Канцеларијата на НАТО морнарички капетан Румен Радев, клучниот персонал на ГШ на АРМ и претставници од Канцеларијата на НАТО во Скопје.
Началникот на ГШ на АРМ во обраќањето пред присутните на полковникот Александров му се заблагодари за соработката и за несебичниот и исклучителен ангажман за време на неговиот мандат како шеф на Канцеларијата на НАТО. Нагласувајќи го значењето на соработката со Канцеларијата на НАТО, генералот Котески истакна дека полковникот Александров во изминатиов период во голема мерка придонесе да се унапреди комуникацијата со Алијансата, нагласувајќи ја неговата поддршка во реализацијата на многу проекти од значење не само за АРМ, туку и за одбраната воопшто.
Полковникот Александров заблагодарувајќи се на соработката со ГШ на АРМ, истакна дека во припадниците на АРМ секогаш ќе гледа како на искрени пријатели, не криејќи ги неговите лични очекувања дека Република Македонија во најскоро време ќе стане полнопрапвна членка на НАТО, потсетувајќи на фактот дека нашата држава ги исполнува потребните стандарди за членство.
На свеченоста, на полковникот Александров од страна на НГШ на АРМ му беше доделена средна плакета на АРМ, како и медал на НАТО за служба во НАТО операции на Балканот.
Во оваа прилика, на новиот шеф на Канцеларијата на НАТО, морнаричкиот капетан Румен Радев, генералот Котески му посака успех и продолжување на соработката со ГШ на АРМ.