Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, изврши обиколка на заедничката обука, која ја изведуваат припадници од баталјонот за специјални сили од Армијата на Република Северна Македонија со припадници командата за специјални сили на Вооружените Сили на Република Грција.
Генералот Ѓурчиновски, по извршениот увид во дел од планираната обука во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, искажа пофални зборови за прикажаната подготвеност и интероперабилност во постапките при ситуации во блиска борба во урбана средина. Притоа изрази поддршка за соработка помеѓу припадниците на специјалните сили на двете армии, како НАТО сојузници, која отпочна да се изведува во двете земји, при што несебично се споделуваат знаењата и стекнатите искуства.
Паралелно со оваа заедничка активност, која е четврта по ред од овој вид, во Република Грција се изведува падобранска обука на која исто така учествуваат припадници на баталјонот за специјални сили.
Обуката на специјалните сили, која се изведува согласно планот за билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, се реализира во период од 19 до 23 октомври, при што се изведува заедничка обука за специјални сили и размена на искуства во касарнски услови, како и обука во нуркање која се изведува во Кампот за обука на вода во Охрид.