Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес се обрати на затварањето на конференцијата за комуникатори на НАТО, која се одржуваше изминатите четири дена во Скопје и на која учествуваа повеќе од 300 учесници од сферата на стратегиските комуникации на НАТО.
За време на обраќањето на завршниот дел на конференцијата, генералот Ѓурчиновски истакна дека како најнова членка на НАТО, тој како началник на генералштабот но и останатите армиски раководители го сфаќаат и подржуваат значењето на стратегиските комуникации во современото безбедносно опкружување.
„Стратегијата на НАТО за одвраќање и одбрана мора да биде придружена со соодветна комуникација во и надвор од оперативната област. Секој од нас има улога во спроведување на комуникацијата кон домашната јавност и кон сојузниците.
Следното нешто што сакам да го споменам овде е огромната важност на нешто што ја промени сликата на бојното поле, а таа слика е замаглена и не може лесно да се препознае, во споредба со конвенционалните воени операции од минатото, а тоа се операциите од областа на комуникациите. Денес можеме да елаборираме како се менува информациската средина како резултат на хибридните операции исклучиво преку лекции од војната во Украина.“ истакна генералот Ѓурчиновски, притоа изразувајќи дека ова е пресвртна точка во оваа деценија во подобрување на стратегиски концепт на комуникации, кој ќе ја истакне важноста на единството во НАТО при остварувањето на стратегиските цели.
Обраќајќи се на учесниците на конференцијата истакна дека одржувањето на конференцијата во Република Северна Македонија е значајно за нас не само за стекнување на нови знаења и споделување на искуства, туку и за дадената шанса низ оваа активност како земја сојузник да го претставиме и нашиот капацитет и подготвеност за овој вид активности.
Покрај генералот Ѓурчиновски на завршниот дел се обратија: Леонора Расел, Советник за односи со јавноста и стратешки комуникации која се заблагодари за одличната организација и успешна реализацијата на конференцијата, Џеј Пакстон, началник на секторот за односи со јавност во НАТО командата за операции, кој даде краток осврт на активностите во изминатите четири дена и Џеј Џенсен, директор на комуникациската дивизија во врховната команда на НАТО во Шејп, кој ги даде крајните заклучоци произлезени на конференцијата.
За време на одржувањето на конференцијата низ повеќе панели и работни групи под раководство на водечките лица од областа на стратегиските комуникации во НАТО се разговараше за активностите, предизвиците и перспективите во оваа сфера.
Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во изминатите години интензивно работат на развивање и унапредување на способностите од областа на стратегиските комуникации со цел исполнување на побарувањата согласно стандардите на НАТО.
Конференцијата за комуникатори е најголемата конференција за комуникатори во НАТО. За нас е од исклучителна важност што годинава бевме земја домаќин.