Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост беше одбележан Денот на Баталјонот за почести (бП).
По тој повод, директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески, во името на началникот на Генералштабот на Армијата и во свое лично име им го честита Денот на единицата. Генералот Милески во своето обраќање пред припадниците на Баталјонот за почести и останатите гости, се осврна на развојот на оваа единица како носител на традициите на Првата македонско-косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година.
„Денес слободно можеме да кажеме дека стоиме пред една од најпрепознатливите и најрепрезентативните единици на Армијата. Впечатоците за гардиската прецизност и изведбите на Воениот оркестар ги потврдивте на низа настани изминатата година од кои по својот обем и значење се издвојуваат: одбележувањето на 30-годишниот јубилеј на Армијата, заедничкиот настап со Кралската гарда на Норвешка, изведба на концерт во соработка со Вооружените сили на Република Албанија, поддршка во организација на Конференција на началници на Генералштабови од Б-9 форумот во Охрид, кои беа забележани не само во домашната, туку и од меѓународната јавност“, рече Милески, изразувајќи им признание за успешното извршување на бројните задачи и активности.
Командантот на бП, потполковник Дарко Стојкоски во својот говор рече дека одбележувањето на денот на единицата претставува посебен момент во кој се обединуваат историското значење и традицијата со современиот карактер на единицата. „Тоа е можност да оддадеме признание на храбрите подвизи на борците од НОВ, да го истакнеме ентузијазмот и посветеноста на генерациите на гардисти од Првата гардиска бригада и да ја изразиме нашата определба за достоинствена служба во духот на гардиски вредности: чест, храброст и посветеност“, потенцира потполковникот Стојкоски.
Тој истакна дека стекнатите признанија се секогаш дополнителна инспирација за остварување на уште повисоки резултати.
На свеченоста по повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на повеќе припадници на бП за остварените резултати во работењето.
На свеченоста покрај Директорот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Зоран Милески, присуствуваа и команданти од командите и единиците на Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости од МО и ГШ на Армијата.