Припадниците на логистичката база (ЛБ), која обезбедува логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија, денес во касарната „Илинден“, со воена свеченост го одбележаа 20 Мај – Ден на единицата.
На одбележувањето на денот на единицата на која присуствуваше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, пред припадниците на оваа единица се обратија заменикот началник на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на ЛБ, полковник, Мухарем Мухареми.
Генералот Нуредин во своето обраќање истакна дека припадниците на ЛБ со професионално извршување на логистичките задачи и ангажирања но и директна медицинска поддршка на институциите од јавното здравство во справувањето со вирусот „Ковид 19“ испратија порака дека Армијата се грижи за својата држава и граѓаните. Воедно, единицата со показ на сите аспекти на добра организација и реализација на логистичката поддршка на тековната мултинационална вежба „Одлучен удар 21“ го потврдува пиететот на рамноправен сојузник во НАТО Алијансата.
Командантот на Логистичката База, полковник Мухарем Мухареми, честитајќи им го Денот на единицата на сите припадници, ја нагласи улогата и значењето на логистичката поддршка во Армијата, успешно реализираните задачи и претстојните активности, а се осврна и на историскиот развој на единицата.
Во рамки на свеченоста на која присуствуваа и заменик на министерот за одбрана Башким Хасани, командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, министерството за одбрана, генералштабот и команданти на команди и единици, за постигнати резултати во работата им беа соопштени стимулативни мерки.
Логистичката база во изминатиот период покрај логистичката поддршка на Армијата се ангажираше во асистенција и помош на Јавното здравство, кое се состоеше не само во преземање, транспортот, складирањето на вакцините и заштитните средства и опрема потребни за справување со пандемијата, туку и со континуирано ангажирање на медицинскиот персонал од баталјонот за воено медицинска поддршка во здравствените установи во Републиката.
Логистичката база е носител на традициите на Разловечкото востание и првите логистички подготовки за отпочнување на истото за што со Одлука на Претседателот на Републиката за определување на денови на единици денешниот датум е одреден за Ден на ЛБ.