Како дел од активностите по повод одбележување на 30-годишниот јубилеј на Армијата, денес во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, со воена свеченост се одбележа Денот на најголемата борбена единица во Армијата – Првата пешадиска бригада.
На свеченоста, на која покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и раководители од Министерството за одбрана и Армијата, согласно програмата се реализираа повеќе активности.
По интонирање на химните и почесниот знаменосен вод, пред припадниците на бригадата свое обраќање имаа министерката Славјанка Петровска, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на бригадата, полковник Сашко Лафчиски.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска обраќајќи се пред стројот на припадниците од бригадата честитајќи им го празникот истакна дека ова е единица која ги промовира најдобрите вредности на составите од кои произлезе и која најдобро ја отсликува разноликоста на етничката припадност и родовата еднаквост.
Министерката Петровска упати благодарност до припадниците и ја потенцира значајната улога на оваа единица, која во изминативе години дава најголем придонес во поддршка на граѓаните и институциите при различни елементарни непогоди, справување со мигрантската криза, справување со пандемијата и додаде дека токму припадниците на армијата дадоа најголем придонес за нашето членство во НАТО.
Командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини истакна дека развојот на Првата пешадиска бригада е цврсто поврзан со нашето општество и ја одразува трансформацијата на нашата одбранбено безбедносна заедница и дека согласно долгорочниот план за развој на одбранбените способности, до зголемувањето на процентот за модернизација од Буџетот за одбраната, со вложување во опремата за Армијата, статусот на подготвеност е значително подобрен.
Командантот на бригадата, полковник Сашко Лафчиски во своето обраќање потенцира дека на овој ден се оддава признание на сите поранешни офицери, подофицери и војници за нивниот придонес во градењето на единицата и додаде дека Првата пешадиска бригада продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата, секогаш подготвена да застане на браникот на татковината во одбрана на националните интереси, територијалниот интегритет и суверенитет.
По повод Денот на единицата, беа доделени повеќе стимулативни мерки и унапредувања за припадниците на бригадата, а беше прогласена и најдобра единица од состав на бригадата.
На крајот од свеченоста, строеви ешалони од сите единици од состав на бригадата спроведоа свечено дефиле со строев чекор, а за присутните своја изведба имаа и културно-забавни друштва со кои соработува бригадата.
На свеченоста покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и заменик на министерот за одбрана, Башким Хасани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Драган Николиќ, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, военото раководство од Генералштабот и потчинетите команди, генералите во Армијата, поранешни команданти на единицата, воени раководители од Министерството за одбрана и Генералштабот, поранешни команданти на бригадата, претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.
Втори април е одреден за Ден на 1.пбр, како датум на кој оваа единица е трансформирана согласно организациско-формациската армиска структура со која ги презема задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови.
Воената свеченост, како една од организираните активности по повод 30 години од постоење на Армијата, симболично ќе биде посветена и на почетоците на формирање на првите армиски структури на Армијата, по преземањето на сите воени објекти и подготовките за прием на првите регрути.