Припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на командата за операции (КО) во рамки на активностите по повод 30-години од формирањето на Армијата го одбележаа Денот на единицата и воедно својот три децениски јубилеј.
На воената свеченост во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, пред началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и присутните се обратија заменик на командантот на вВИНГ, потполковник Игор Чкоров и началникот на штаб на командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Потполковникот Чкоров во своето обраќање се осврна на развојот на единицата истакнувајќи дека во изминатите 30 години, припадниците на воздухопловството секогаш кога тоа било потребно даваа максимум од себе.
Притоа истакна дека воздухопловниот ВИНГ е фокусиран кон одржување на високо ниво на борбената готовност на единицата, како предуслов за успешно извршување на нејзината мисијата.
Началникот на штаб на командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски честитајќи го јубилејот на единицата, истакна дека припадниците на единицата се обучени и оспособени за справување со сите предизвици и извршување на сложени задачи, без разлика дали се работи за борбени или задачи за помош и асистенција на институциите и граѓаните на Република Северна Македонија.
Во рамки на свеченоста на припадници од единицата кои се истакнале во работата им се доделија стимулативни мерки од началникот на ГШ и командантот на КО, додека на поранешните команданти на единицата им се доделија признанија за вложеното во развојот на оваа единица.
На крајот од активноста присутните имаа можност да проследат прелет на воздухоплови Ф-16 како дел од воздухопловното патролирање на НАТО, како и прелет на дел од воздухопловите со кои располага воздухопловниот ВИНГ.
На свеченоста покрај началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и државниот секретар Драган Николиќ, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
Денешниот датум е одреден за ден на вВИНГ, во сеќавање на првиот лет со воен воздухоплов во Армијата во 1992 година. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година, кога се формира воздухопловна бригада, а по последната трансформација се оформува денешниот воздухопловниот ВИНГ.