Висока воена делегација на Вооружените Сили на Босна и Херцеговина, предводена од началникот на Здружениот штаб, генерал-потполковник Сенад Машовиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата.
По приемот со високи воени почести, генералот Машовиќ оствари средби со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик на министерот за одбрана, Беким Максути, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.
Генералот Ѓурчиновски за време на официјалниот состанок, во своето излагање истакна дека посетата претставува одлична можност за понатамошно продлабочување на традиционално добрата билатерална соработка во одбраната, при што ја искажа подготвеноста за споделување со босанските Вооружени сили на стекнатите искуства во процесот на интегрирање на нашето полноправно членство во НАТО Алијансата како многу значајно не само за нас туку и за регионот во целина.
Генералот Машовиќ, честитајќи го како што истакна, нашето „историско достигнување“ со полноправното членство во НАТО, изрази очекување за понатамошна наша поддршка во процесот на интегрирање во Алијансата кое исто така е стратегиска определба на Босна и Херцеговина.
На состанокот пред делегацијата се презентираа: процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, придонесот на нашата Армија во операциите и мисиите на НАТО, ЕУ и ОН во странство, ангажирањето на Армијата во поддршка на МВР во справувањето со мигрантската криза и можностите за користење на нашите капацитети за обука меѓу кои АП „Криволак“ и Центарот за обука на пилоти.
За време на посетата генералот Машовиќ ќе оствари средба и со Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, а делегацијата ќе обиколи и дел од армиските единици во касарната Илинден во Скопје.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата ќе се запознае со можностите на Центарот за обука на пилоти, а ќе ја посети и Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ каде во моментот во образовниот процес се вклучени 13 питомци од Босна и Херцеговина.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Вооружените Сили на Босна и Херцеговина се одвива во полето на воената едукација, учество во заеднички меѓународни вежбовни активности, курсеви во Регионалниот тренинг центар за односи со јавност и учество во балканските медицински наменски сили, заедничко учество во регионалните иницијативи А-5 и Б-9.