Армијата на Република Македонија во својот состав доби 125 професионални војници кои по денешната воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, ќе отпочнат со обука по која рамноправно со останатите припадници на АРМ ќе ги извршуваат поставените задачи.
„Високо обучен мотивиран и квалитетен воен персонал е клучен елемент за успехот на секоја армија“, е пораката упатена до професионалните војници при обраќањето на министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски.
На денешната свеченост, по повод отпочнување на обуката на новопримените професионални војници покрај министерот за одбрана присуствуваа и заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, директорот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, генералите на АРМ, високи личности од МО на РМ и АРМ и команданти на командите и единиците од АРМ.
По завршувањето на тромесечна дополнителна стручна обука која ќе се реализира во единиците на Армијата на Република Македонија, професионалните војници ќе ја продолжат својата воена кариера во единиците каде се распоредени.
Во овој контингент од новопримените професионални војници шест се припаднички од женскиот пол, а 49 од нив кои имаат поминато селективен курс ќе бидат распоредени во полкот за специјални операции, додека најголем број ќе биде распореден во единиците на Здружената Оперативна Команда.
Со приемот на професионалните војници се подобрува пополнетоста на командите и единиците на АРМ со млади кадри кои по завршување на обуката и преку континуирано професионално усовршување ќе се оспособат за професионално и посветено извршување на поставените задачи.