По повод чествувањето на 18-ти Август Денот на АРМ, денес, 14.08.2014 година, на градските гробишта во Бутел во Скопје, се одржа церемонија за полагање на венци со свежо цвеќе со воени почести, на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров, како и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Венци со свежо цвеќе положија Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, како и делегации од: кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Сојузот на борците од НОВ и Сојузот на резервните воени стрешини на Република Македонија.
Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, изјави дека со положувањето на цвеќе ние им оддадовме почит за заслугите кои овие лица ги направиле за Армијата на Република Македонија, како за нејзиното формирање, така и за причината што таа се воздигна како еден од главните стожери за мирот и безбедноста на Република Македонија.
Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, им се заблагодари на поранешните претседатели и врховни команданти, на оние кои командуваа и раководеа со армијата за нивниот придонес кон формирањето, функционирањето и модернизацијата на Армијата.
Одавањето почит на лица заслужни за формирањето и развојот на Армијата на Република Македонија и Република Македонија е една од низата активности со кои армијата го одбележува Денот на армијата, 18-ти август.