Со посета на генералштабот на Армијата на Република Македонија започна дводневната обиколка на командите и единиците на АРМ од страна на главниот подофицер на НАТО сојузничката команда за операции – Врховен штаб на сојузничките сили за Европа, команден наредник Давор Петек.
По приемот кај началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, делегацијата од сојузничката команда на НАТО, одржа состанок со главниот подофицер на АРМ, главен наредник Свето Цветковски и главните подофицери на потчинетите команди на ГШ на АРМ.
Запознавање со АРМ, професионалниот развој, концептот за обука и усовршување на подофицерскиот кор, идните соработки и иницијативи како и со НАТО активностите врзани за развој на подофицерскиот кор беа темите на кои се дискутираше за време на состанокот во Генералштабот.
За време на дводневната посета делегацијата на сојузничката команда ќе има средби со подофицерскиот кор во командите и единиците на АРМ во касарната „Алекса Дамниевски Бауман“ во Велес и „Боро Менков“ во Куманово, каде ќе присуствува на методско показна вежба. Целта на посетата е запознавање и промовирање на подофицерскиот кор на АРМ, размена на искуства и научени лекции, како и иницијативи за понатамошна соработка во областа на обуката образованието на подофицерите во АРМ.
Улогата на подофицерскиот кор во армиите на НАТО е особено значајна во процесот на обуката, каде подофицерите со својот професионализам и стручно знаење се еден од главните столбови на поддршка на командантите во изведување на воената обука. Подофицерскиот кор во АРМ со континуираните одличните релации со подофицерскиот кор на командите и армиите од земјите членки на НАТО придонесува во достигнатата интероперативност во изведување на обуката согласно стандардите на НАТО.