Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес (26-ти јуни), престојуваше во еднодневна официјална посета на КФОР. За време на посетата, НГШ на АРМ се сретна со командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Марк Фергусон и со командантот на КФОР, генерал-мајор Франческо Фиљуоло.
На средбата која се одржа во кампот Бондстил, Република Косово, се разговараше за безбедносната состојба во регионот, можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, како и размена на информации со АРМ. НГШ на АРМ беше информиран за безбедносната состојба во зоната на одговорност на КФОР, како и за активностите и идните планови. Генералот Котески побара поголемо и поефикасно ангажирање на КФОР на границата помеѓу Македонија и Косово.
Заклучено е дека АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено соработка и дека во наредниот период таа ќе продолжи да се развива во интерес на јакнење на безбедноста во регионот.
Разговарано е и за понатамошната улога на Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.
НГШ на АРМ се сретна и со командантот на Косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Рахман Рама, со кого разговараше за одредени прашања поврзани со соработката и безбедноста во регионот.