Денес, 05-ти август, началникот на генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески заедно со заменикот на министерот за одбрана на Република Македонија, Иљми Селами, заменикот на командантот на Здружената Оперативна Команда, бригаден генерал Мухамет Рацај и заменикот на командантот на 1. Механизирана пешадиска бригада, полковник Велин Стојановски ги посетија загрозените подрачја во тетовско кои беа погодени од поплавите на ден 03.08.2015 година.
За време на посетата во Мала Речица и Шипковица се согледа состојбата на настраданите подрачја и можноста за ангажирање на дополнителни сили од АРМ за расчитување на штетите од поплавите.
Во текот на изминатите два дена во најзагрозеното подрачје во Тетово и тетовско, Шипковица, четириесетина припадници на АРМ од гарнизонот Тетово, заедно со локалното населени работат на отстранување на последиците од поплавите. Во ова село припадници на армијата со службени кучиња се ангажирани и во пребарување на теренот за пронаоѓање на девојчето кое исчезна во текот на поплавите.
Покрај ова во загрозените подрачја од страна на АРМ се ангажирани и инженериски машини и цистерни со вода за пиење за локалните жители.
Во текот на наредниот период е можен ангажман на припадници на АРМ и инженериска механизација во селото Порој, тетовско за изградба на мост.
Припадниците на Армијата на Република Македонија, во Тетово и тетовско несебично, пожртвувано и достоинствено ги исполнуваат задачите кои произлегуваат од нивната должност. Во овие загрозени региони, АРМ во најкраток можен рок се подготви и вклучи во помагање на населението во елементарната непогода.