Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денес ја посети Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ и гарнизонот Куманово.
Целта на посетата беше согледување на подготовките за претстојната вежба „Македонски Блесок-10“ на која ќе биде извршено НАТО оценување, ниво-2 на средната пешадиска баталјонска група (спбг). НГШ на АРМ беше информиран од страна на командантот на ЗОК генерал-мајор Методија Величковски за подготовките и активностите во пресрет на вежбата, како и за реализација на активностите поврзани со подготвеноста на декларираните единици на АРМ, за учество во операции предводени од НАТО и ЕУ.
Посетата на НГШ на АРМ беше искористена и за остварување увид во состојбата на инфраструктурата и објектите на АРМ во гарнизонот Куманово, како и состојбата на борбената техника и вооружувањето.
Генералот Котески во оваа прилика нагласи во наредниот период, посебен акцент да биде даден на рационалното искористување на објектите со кои АРМ располага во овој гарнизон, како и ослободување од неперспективната техника и опрема.