Денес, 10-ти јули 2014 година, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов го посети Центарот за обука на вода во Охрид. Во придружба на Претседателот на Република Македонија беа Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љупчо Костовски. Целта на денешната посета беше Врховниот командант на вооружените сили да се запознае со капацитетите, работата и извршувањето на задачите на Центарот за обука на вода.
Претседателот Иванов истакна дека Центарот за обука на вода ги нуди сите услови за изведување на обука на вода и дека тој ги поседува НАТО стандардите за ваков вид на обука на припадниците на АРМ. Тој нагласи дека со обуката во центарот, се завршени последните подготовки на припадниците на полкот за специјални операции за изведување на претстојната методско-показна вежба, на која се очекува да ја покажат нивната обученост и подготвеност за реакција на сите предизвици со кои би се соочиле припадниците на оваа единица.
Центарот за обука на вода во Охрид е дел од организациско-формациската структура на Командата за обука и доктрини на АРМ, со основна задача за поддршка на индивидуалната и колективна обука во пливање, нуркање, спасување на вода и управување со пловни објекти, пред се за припадниците на пСО, баталјонот на Воена полиција и питомците на Воената академија, но и на други состави на АРМ, во зависност од потребите од ваков вид на обука. Покрај сместувачките капацитети, Центарот за обука на вода располага со сопствената плажа и со современа опрема во функција на изведување на обуката.