Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во Министерството за одбрана се обратија на предновогодишна средба со вработените на која беа доделени признанија на пензионирани припадници, офицери и подофицери од Армијата за нивниот професионален ангажман, достигнувања и придонес во реформите на Армијата, а свечено во чин полковник беа унапредени двајца офицери на Армијата.
Министерот Мисајловски им се заблагодари на вработените во Министерството и Армијата за нивната соработка и посветеност во работата и им порача дека и следната година продолжуваме заедно и сплотени да работиме за уште подобра одбрана и посилна Армија.
„Имаме одлична соработка изминативе шест месеци, покажуваме доверба и синергија заеднички да продолжиме успешно да работиме и во наредната година. Ви се заблагодарувам на сите вас за сето она што го направивте“, рече министерот.
Генералот Лафчиски им се заблагодари на пензионираните припадници за нивната долгогодишна служба во Армијата и за фактот дека тие „направија многу и го трасираа патот за следните генерации“. На припадниците и вработените во министерството и Армијата им ја честита новата година и претстојните празници и посака кохезијата во работата да продолжи и во 2025 година.
На собирот присуствуваа и заменик-министерката за одбрана Елфет Исмаили, заменикот началник на Генералштаб, генерал-мајор Азим Нуредин, раководителите во Министерството и началниците на секции во Генералштабот.