Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги посети командите и единиците на Армијата на Република Македонија во касарната „Илинден“ во Скопје.
Претседателот Иванов ги посети Баталјонот за почести, Баталјонот за врски, Инженерискиот баталјон, Баталјонот на Воена полиција, Баталјонот за специјални намени и Ренџерскиот баталјон од Полкот за специјални операции, при што беше информиран за тековната состојба на овие единици на Армијата. Македонскиот претседател изврши увид во обуката кај различни единици на АРМ, со повеќе специјалности и ги посети дел од просториите за живот и работа на активниот воен персонал, каде го согледа нивото на условите за работа и функционирањето на касарната „Илинден”.
Претседателот Иванов оцени дека Армијата на Република Македонија презентира висок степен на обученост и посветеност во стручно-специјалистичката обука и покрај предизвиците со кои се соочува на финансиски план. Македонскиот претседател истакна дека во услови на засилен ангажман на јужната граница во поддршка на Граничната полиција, припадниците на АРМ успешно ги извршуваат наменските задачи.
„Во моментов една од приоритетните задачи на АРМ е ангажирањето на јужната граница во поддршка на Граничната полиција, но денеска овде се уверив дека и другите задачи не се запоставени. Покрај нејзината основна задача, а тоа е заштита на територијалниот интегритет и суверенитетот на Република Македонија, Армијата пред три месеци во поплавените подрачја покажа дека е институција со најголем капацитет, кога се во прашање реакција и помош на граѓаните во услови на елементарни непогоди“, подвлече македонскиот претседател.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со командантите на баталјоните лоцирани во касарната „Илинден“, на која беше запознаен со актуелните состојби и предизвици со кои се соочува пониското ниво на командување во Армијата, со цел унапредување на квалитетот на обуката и стандардот на припадниците на АРМ.
Во наредниот период, претседателот Иванов ќе ги посети и другите гарнизони на Армијата на Република Македонија, за непосредно согледување на состојбите во Армијата.