Денес (14.11.2015 година), Претседателот на Република Македонија и Врховниот командант на вооружените сили Ѓорге Иванов изврши обиколка и увид во реализирањето на задачите од страна на единиците на АРМ на јужната граница на Република Македонија, во реонот на Дојран, подрачје кое е зафатено со мерките за кризна состојба. Претседателот Иванов за време на обиколката, беше информиран за состојбата на теренот и активностите и мерките кои АРМ ги презема во случај на потреба за дополнителнo ангажирање на овој дел од јужната граница.
Пред Врховниот командант беше истакнато дека од почетокот на ангажирањето до денес, единиците на АРМ спречија 8500 илегални преминувања на јужната граница, а бегалците се насочувани кон граничниот камен број 59 кај Гевгелија, со цел за нивна регистрација во привремениот транзитен центар.
АРМ постојано врши извидување на теренот и проценка на ризикот од поголем наплив на мигранти на овој дел од границата, врз основа на безбедносните проценки кои се прават заедно со МВР.
Досега активностите се одвивaат организирано, а со користење на армиските извидувачки капацитети се добиваат информации за движењето на мигрантите со цел навремено реагирање.
Во придружба на Претседателот на Република Македонија беа: началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски и командантот на ЗОК, бригаден генерал Васко Ѓурчиновски.