На воена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје во присуство на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се врачија договорите за работа на 150 професионални војници со што официјално се означи нивниот прием во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање пред новопримените војници, министерката Петровска им порача дека честа да се облече армиската униформа е голема и дека нивната цел од која никогаш не треба да се откажуваат е службата кон татковината.
„Голема е честа која ви е дадена да ја облечете армиската униформа, но уште поголема е обврската која ја добивате. Патот кој денес го почнувате не е воопшто лесен, но е благороден. Подгответе се за предизвици, искушенија, пожртвуваност, но никогаш да не се откажете од вашата единствена цел да ѝ служите на Република Северна Македонија“, рече министерката на свеченоста.
Со приемот на овие 150 професионални војници, од кои 10 припаднички на женскиот пол, го постигнуваме предвиденото пополнување на командите и единиците за 2023 година со вкупно 300 професионални војници. Новопримените војници по завршување на основната тримесечна војничка обука во Командата за обука и доктрини, ќе ја отпочнат војничката кариера во единиците на Армијата.
На свеченоста присуствуваа и заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага, командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, државниот секретар во МО, Владимир Анчев и командантите на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански и на логистичката база, полковник Мухарем Мухареми.