Припадниците на АРМ кои во следните шест месеци ќе извршуваат штабни должности во мисиите „Одлучна Поддршка“ во И.Р. Авганистан и „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина остварија средба со Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и министерот за одбрана Зоран Јолевски.
На средбата присуствуваа и амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Омур Шолендил и одбранбеното аташе полковник Ѓокхан Јитурк.
Генералот Величковски потенцираше дека од овој состав, кој помина низ процесот на селекцијата за упатување, очекува успешно претставување и извршување на задачите, да го потврдат и подигнат нивото кое мировниците на АРМ го покажаа низ учеството во мировните мисии, со што ќе придонесат за афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
Од страна на одговорните старешини за време на средбата се презентираа реализираните подготовки кои ги имаше персоналот во досегашниот период на подготовки, како и за улогата и задачите кои составот ќе ги извршува следните шест месеци во рамките на мисијата.
Претходно, припадниците на АРМ беа примени од командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Васко Ѓурчиновски.
Ова е трета ротација составена од 13 старешини што ќе биде упатена во командата за обука советување и асистенција (КОСА) на главниот град во мисијата „Одлучна поддршка“ и втора ротација составена од 2 штабни старешини во мисијата „АЛТЕА“.