Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се изврши примопредавање на должноста командант на воздухопловната бригада (вбр), од составот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) од АРМ.
Командувањето со вбр, досегашниот командант полковник Кире Колевски кој е на чело на оваа единица од 2008 година, му го предаде на полковник Роберт Малезански кој досега ја извршуваше должноста заменик на командантот на вбр.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, генерали од АРМ, високи функционери од МО и ГШ на АРМ, команданти на единици од АРМ, претставници од локалните самоуправи и организации со кои соработува оваа единица
На свеченоста пред присутните со пригодни говори се обратија: командантот на ЗОК генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, досегашниот и ново назначениот командант.
Во своето обраќање пред присутните генералот Ѓурчиновски се заблагодари на досегашниот командант полковник Кире Колевски на неговото залагање и учество во изградбата на воздухопловните сили во високо професионална и престижна компонента на армијата. Додека на новопоставениот командант полковник Роберт Малезански му ја честита новата должност и му посака успешно да ја води единицата.
Полковник Кире Колевски искажа особена благодарност на припадниците на единицата за досегашната поддршка која ја имаше како командант во изминатите 8 години.
Ново поставениот командант на вбр полковник Роберт Малезански во својот говор истакна дека должноста која му е доверена ќе ја извршува професионално и одговорно и како неговиот претходник ќе го даде максимумот за единицата.
Согласно Правилото за воен протокол, по соопштување на наредбите за поставување на церемонијален начин се изврши примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и новоназначениот командант на вбр.
Воздухопловната бригада е формирана на 10 април 1992 година со одлука на Претседателот на Република Македонија како команда на против воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ). Во 2005 година со трансформацијата на АРМ, воздухопловната бригада се трансформира во воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), а од 2012 година повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда.