Денес, 6-ти септември 2013 година (петок), во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр). Должноста командант на 1.мпбр од бригадниот генерал Стојан Димчов ја прими бригадниот генерал Павле Арсоски кој досега ја извршуваше должноста командант на полк за специјални операции (пСО) на АРМ. На свеченоста присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Методија Величковски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.
Генералот Величковски го искажа задоволството што присуствува на свеченоста по повод примопредавањето на должноста командант на 1.мпбр и обраќајќи се до стариот командант истакна: „Вие бевте командант кога беше предизвик – најголемата трансформација на АРМ, најголемото гаѓање, најголемото оценување“. Предавајќи му го борбеното знаме на единицата, командантот на ЗОК му посака добредојде на новиот командант на бригадата и му порача дека е потребно да продолжи со понатамошниот развој на обученоста и оспособеноста на 1.мпбр.
Досегашниот командант на 1.мпбр, бригадниот генерал Стојан Димчов истакна дека како досегашен командант е задоволен од постигнатите резултати, и искажа задоволство што командувал со овој состав, при што на сите им се заблагодари за укажаната поддршка.
Новиот командант на 1.мпбр, бригадниот генерал Павле Арсоски истакна дека е горд што ќе командува со единица како што е 1.мпбр, испраќајќи до припадниците на 1.мпбр порака дека „ќе маршираме подолго и подалеку, ќе гаѓаме почесто и попрецизно, ќе изведуваме вежби надолж и попреку низ целата Република Македонија“ при што на крајот вети напорна и посветена работа.
Досегашниот командант на 1.мпбр, бригадниот генерал Стојан Димчов со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за началник на штабот во Здружената оперативна команда.