Баталјонот на специјални сили, на симболичен начин со постројување во касарната „Илинден“ во согласност со мерките и протоколите за спречување на ширењето на вирусот „Ковид 19“, го одбележа 1 март – Денот на единицата, ден кога пред 27 години е формиран првиот состав за специјални намени кој е и првата професионална единица во Армијата.
Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин честитајќи го Денот на единицата на припадниците на Баталјонот за специјални сили, истакна дека професионализмот, резултатите и добиените признанија од многубројните успешно извршени задачи и мисии ја претставуваат Армијата во најдобро светло на домашен и меѓународен план.
„За неколку дена ќе ја одбележиме и првата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО алијансата, што претставува мотив повеќе да продолжиме со исполнување на условите и побарувањата кои се очекуваат од нас, со цел да го оправдаме нашето членство и да докажеме дека сме достојни армиски професионалци и подготвени за справување со сите можни ситуации.“- додаде генералот Нуредин во своето обраќање.
Командантот на баталјонот на специјални сили, потполковник Оливер Зариовски истакна дека припадниците на оваа единица се препознатливи по подготвеноста први да се справуваат со предизвиците и затоа нивното мото е „секогаш и секаде први“.
По повод Денот на единицата, се доделија стимулативни мерки на припадници на баталјонот кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период.
Баталјонот за специјални сили е носител на традициите на денот кога е формирана првата специјална единица на Армијата, 1 март 1994 година.