Припадниците на АРМ од тимот за уништување на неексплодирани убојни средства „ЕОД тим“ кои учествуваа во вчерашната акција за уништување на авионската бомба во Штип, денес примија признание за успешно изведениот процес на планирање и безбедно извршување на задачата од страна на командантот на Здружената Оперативна Команда бригаден генерал Зоран Милески.
Да се изведе ваква прецизна и мошне опасна операција на уништување на неексплодирано средство со голема разорна моќ, потполно безбедно и без никакви последици за околината е доказ за високата стручна оспособеност на припадниците на АРМ од „ЕОД“ тимовите кои излегуваат во пресрет за учество во акции кои се од општ интерес кога тоа од нив ќе се побара, истакна генералот Милески.
Вчерашната изведена операција е уште еден доказ дека „ЕОД“ тимовите на АРМ се стручно оспособени не само за уништување на неексплодирани минско експлозивни средства при вежбовните активности на АРМ кои се во надлежност на АРМ, туку извршуваат вакви задачи и кога стручноста на припадници на овој тим е неопходна.
Тимот на АРМ предводен од потполковникот Љупчо Георгиевски во периодот кој претстоеше пред уништувањето на авионската бомба низ сеопфатен процес ги согледа сите аспекти за безбедно изведување на акцијата при што имаше и соодветни тестирања во објектот за делаборација на експлозивни средства во Еребино.
Притоа во текот на вчерашниот ден во попладневните часови со употрба на најсоодветен третман без никакви последици за околината се изврши уништувањето на неексплодираната авионска бомба од втората светска војна во околината на Штип која подолг период претставуваше потенцијална опасност за граѓаните во околината на Штип.
Инаку вчерашното уништување на 250 килограмската авионска бомба од страна на ЕОД тимот на АРМ, дојде врз основа на барањето од дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија, по што по одржаните координативни состаноци од страна на тимот на АРМ се предложи и прифати варијантата која се покажа како крајно ефективна.