Со промоцијата на втората група од 55 припадници на Армијата од редовите на професионалните војници кои на денешната воена церемонија во касарната „Илинден“ се произведоа во почетен подофицерски чин се заокружи процесот на произведување на првата генерација подофицери, по нашето полноправно членство во НАТО.
На промоцијата од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на тројцата припадници кои покажаа најуспешни резултати за време на тримесечниот основен подофицерски курс им беа доделени признанија како поттик за нивно понатамошно залагање во процесот на обуката.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во своето обраќање истакна дека со чинот на промоција на подофицерите се заокружува една од важните цели, не само за оваа година, туку за цела деценија во работењето на Армијата.
Притоа беше истакнато дека пополнувањето на подофицерскиот кор ќе продолжи, затоа што подофицерите се оние кои го покажуваат правецот за секој војник, оние кои организираат, инспирираат, мотивираат. „Вие сте ’рбетот на Армијата, а за секоја држава клучно е тој ’рбет да биде исправен и цврст“, истакна министерката.
Прворангираниот подофицер, водникот Бобан Јанковски, на своите колеги – новопромовирани подофицери им порача: „Научивме да станеме кога е најтешко, научивме да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе само за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија, држење еден до друг, тактичност. Цел за да станеме лидери“.
Курсот за подофицери, кој започна на 28 ноември 2020 година и се реализираше во две групи, поради состојбата со „Ковид 19“, по долги 11 години произведе 120 нови подофицери. Првата група од 65 подофицери во прв подофицерски чин беше промовирана во февруари. Обуката се реализираше на армискиот полигон „Криволак“ и во центарот за обука „Пепелиште“, и тоа од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон.
Вложениот труд и стекнатите знаења од предвидените активности во текот на обуката ќе им помогнат на новопроизведените подофицери во понатамошната работа во единиците во кои ќе бидат распоредени да се изградуваат во мотивирани и компетентни подофицери, а воедно и да бидат пример како треба да изгледа припадник на нато армија.