Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кои успешно го завршија тримесечниот основен подофицерски курс, официјално беа промовирани во прв подофицерски чин на воената свеченост, која се реализираше во касарната „Илинден“ во Скопје.
На свеченоста на промоцијата на првата група од 65 подофицери присуствуваа: министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-министерот за одбрана Башким Хасани и генерали, команданти и главни подофицери од командите и единиците во Армијата.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, честитајќи им го успешно завршениот курс на како што истакна „првата генерација припадници на Армијата кои со право ги именуваме како прва генерација НАТО подофицери“ се осврна на залагањето на раководството на Армијата заедно со Министерството за одбрана за давање на заслуженото значење на овој неопходен сегмент во функционирање на Армијата, особено во делот на обуката.
Истакнувајќи дека покрај ограничувањата кои ги наметна пандемијата со КОВИД -19, успешно беше реализиран изминатиот курс за подофицери и им порача дека очекува залагањето и постигнатите резултати, а пред се стекнатите знаења со целосна посветеност и во потполност да ги имплементираат во единиците и да ја претставуваат Армијата и нашата татковина во најдобро светло, достојно за припадници на Армија на земја членка на НАТО.
Министерката за одбрана, Шекеринска која им честиташе на новите подофицери за успешно поминатата обука го истакна значењето на подофицерскиот кор во Армијата. „Вие сте столбот на Армијата, лидери и учители на професионалните војници. Бидете пример во извршувањето на задачите. Вашата служба ќе остави силен печат врз професионалниот развој на Армијата“.
Министерката во своето обраќање изрази задоволство што почна пополнувањето на испразнетите 500 места за подофицерскиот кор и дека како министерка ќе се заложи секоја година да се повторува оваа бројка за да може по три години целосно да се обнови подофицерскиот кадар во Армијата.
Во рамки на свеченоста на слушателите им беа врачени сертификати за успешно завршување на курсот, а подофицерите Николче Стојановски, Виктор Ефремов и Тодор Јанкуловски кои покажаа најдобри резултати за време на обуката беа прогласени за најдобро рангирани слушатели на курсот.
Во име на сите новопроизведени подофицери се обрати најдобро рангираниот подофицер Николче Стојановски, кој истакна дека како подофицери обучувани според стандардите на НАТО ќе бидат движечка сила во Армијата и рамноправно ќе стојат рамо до рамо со нивните колеги од сојузничките Армии од НАТО.
Следната група на 55 кандидати за подофицери ќе ја започне обуката кон крајот на февруари која ќе трае до крајот на април, а обуката ќе ја изведуваат индтруктори од Командата за обука и доктрини, баталјонот на специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон.