Денес, 10-ти Јуни, во касарната „Н.Х. Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа свеченост по повод Денот на воздухопловната бригада (вбр). На свеченоста присуствуваа: Заменик министерот за одбрана на Република Македонија Емил Димитриев, државниот секретар во МО на Република Македонија Сашо Стефаноски, Заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Мухамед Рацај и други високи гости.
Заменик министерот за одбрана, Димитриев, во обраќањето најпрво им го честита денот на припадниците на воздухопловната бригада, притоа нагласувајќи дека она што е постигнато во текот на минатите 22 години е резултат на вештините, способностите, колективниот дух, врвниот професионализам и патриотизам на посветени и горди припадници на АРМ. Заменик министерот наведе дека воздухопловите кои ги поседуваме во иднина ќе се модернизираат со пософистицирани и понапредни варијанти. Димитриев го искористи обраќањето и за потенцирање на Балканската регионална иницијатива за против воздушна одбрана која ќе овозможи развивање и поврзување на националните капацитети за воздушно набљудување и јавување.
На крај заменик министерот наведе дека ова е неговото последно обраќање од оваа функција, што беше можност да се заблагодари и да потенцира дека уште многу може да се направи во одбраната. Воедно тој од говорницата вети дека како пратеник силно ќе ја поддржува Армијата на Република Македонија наведувајќи дека на АРМ и следат убави денови.
Командантот на воздухопловната бригада, полковник Кире Колески, истакна дека овој празник побудува доза на емоции и ги прави горди за она што е постигнато. Резултат на тоа, наведе полковникот, е и фактот дека оваа година за прв пат ќе ги добиеме и првите обучени пилоти од Центарот за обука на пилоти кои се обучувани според најдобрите стандарди и секако за потребите на АРМ.
На свеченоста, по повод Денот на вбр беа доделени стимулативни мерки на повеќе припадници од единицата, а на крајот прославата се заврши со воздухопловно дефиле, статички дисплеј и тактичко-технички збор на опремата која ја поседуваат единиците од составот на вбр.
Вбр се формираше на 10 април 1992 година со одлука на Претседателот на Република Македонија како команда на против воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ). Во 2005 година со програмата за реконструкција на АРМ, воздухопловната бригада се трансформираше во воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), а од 2012 година повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда.