Од денес до 17-ти април во Домот на АРМ во Скопје се одржува работилница на тема: ,,Национален елемент за поддршка, медицински операции, прием, престој и понатамошно движење, договарање и набавки/ LOGFAS“. Работилницата претставува дел од планирачкиот процес на меѓународната штабна вежба LOGEX 15 која ќе се одржи во месец мај 2015 година во Белград, Република Србија.
На работилницата учествуваат 20 офицери и подофицери од логистичка специјалност од командите и единиците на АРМ, а ќе ја раководи Питер Веноа од командата на силите на САД за Европа (USEUCOM) во чија надлежност е планирањето и организацијата на LOGEX 15.
Целта на оваа работилница е логистичките офицери и подофицери на АРМ да изработат документи за составот на националниот елемент за поддршка на декларираните единици и детален национален план за распоредување на декларираните единици за вежбата.
Овие документи ќе помогнат за понатамошниот процес на планирање на вежбата, а учесниците на работилницата се очекува да ја подобрат интероперабилноста со НАТО стандардите во делот на: планирање, формирање, распоредување, опстојување и прераспоредување на единиците со акцент на мутинационална логистичка поддршка.
Вежбата LOGEX 15 претставува продолжување на циклусот од логистички вежби кои се одржуваат неколку години по ред, со цел за достигнување на интероперабилноста во планирањето и реализацијата на логистичкото обезбедување на операциите. Наредната година, на LOGEX 15 покрај АРМ предвидено е да учествуваат претставници од 14 армии од земји членки на НАТО и ПзМ.