Со Указ на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, во повисоки чинови унапредени се следните старешини на АРМ: во чин генерал мајор е унапреден бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, во чин бригаден генерал унапредени се полковниците Мирче Ѓоргоски и Зоран Милески.
Пред стројот на единиците чии команданти се унапредените, и во Генералштабот на АРМ во присуство на Началникот на генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски на свечен начин беа соопштени Указите за унапредувањата во повисоки генералски чинови.
Генерал мајор Васко Ѓурчиновски ја извршува должноста командант на Здружената Оперативна Команда, а претходно во неговата кариера успешно извршувал повеќе високи должности меѓу кои и должноста командант на полкот за специјални операции на АРМ и аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски ја извршува должноста Аѓутант на Врховниот командант. Во текот на воената кариера извршувал бројни командантски и штабни должности, а претходната негова должност беше портпарол на Генералштабот на АРМ.
Бригадниот генерал Зоран Милески е актуелен командант на првата механизирана пешадиска бригада, а претходно има извршувано повеќе командантски и високи штабни должности во бригадата.