По завршувањето на Петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји, која се одржа вчера во Охрид, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, оствари oфицијална средба со началникот на Националната одбрана на Грција, генерал Костантинос Флорос.
На средбата, која се одржа во Центарот за обука на вода, генералите Ѓурчиновски и Флорос дискутираа за произлезените одлуки од Конференцијата, како и за билатералната воена соработка која е од значење и за безбедноста на целиот регион.
Притоа се разгледани можностите за интензивирање на веќе постоечката соработка, која се одвива во доменот на НАТО одбранбеното планирање, стандардизацијата, воено-стручното образование и обуката на специјалните сили.
За време на посетата на Центарот за обука на вода, делегацијата на ВС на Грција имаше можност да се запознае со тековниот процес на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во операциите во странство и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за вежбовни активности.
По завршување на состанокот, делегацијата имаше можност да проследи заедничка показна вежба на специјалните сили на двете армии, која воедно беше завршна активност на заедничката обука и вежбовните активности „Балкански воин 22“.
Припадниците на специјалните сили презентираа вежбовни активности со кои ја прикажаа меѓусебната интероперабилност и стекнатите вештини за време на обуката.