Денес, 31-ви октомври, Министерот за одбрана Зоран Јолевски и Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески остварија средба со медицинскиот тим на АРМ кој во наредните шест месеци ќе учествува во седумнаесеттата ротација за мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Јолевски изрази задоволство од досегашната работа на медицинскиот тим на АРМ во мисијата АЛТЕА, при што нагласи дека од седумнаесеттата ротација на АРМ во мисијата АЛТЕА, очекува продолжување на успешното претставување на АРМ и беспрекорно извршување на задачите.
Генералот Котески истакна дека медицинскиот тим на АРМ во изминативе години на најдобар начин ги покажа способностите и интероперабилноста на АРМ во рамките на мисијата на ЕУ, но и дека даде огромен придонес во афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
За време на средбата, министерот Јолевски и генералот Котески беа запознаени со работата и задачите на тимот во рамките на мисијата АЛТЕА.
Медицинскиот тим на АРМ ќе биде предводен од капетан Дејана Шврака, а составен е од 10 лица, стручен медински и помошен персонал, чија задача во рамките на мисијата АЛТЕА е обезбедување на општа медицинска помош за потребите на силите на ЕУФОР, кои се сместени во кампот Бутмир кај Сараево.
По повод упатувањето на седумнаесеттата ротација на АРМ во мисијата АЛТЕА, денес пред командата на бригадата за логистичка поддршка на АРМ ќе се одржи пригодна свеченост.