Денес, 27-ми август 2015 година, министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски остварија средба со шесте штабни офицери на АРМ кои заминуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, каде ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамките на командата Север.
Министерот Јолевски посакувајќи им успешна и безбедна работа, на штабните офицери им порача дека со учеството во новата мисија на НАТО во Авганистан, Република Македонија ја искажува силната заложба за полноправно членство во алијансата. Изразувајќи цврсто убедување дека штабните офицери на АРМ достојно ќе ја претставуваат Република Македонија, министерот за одбрана изрази подготвеност за секаков вид на поддршка кон нив од страна на министерството и Генералштабот на АРМ.
За време на средбата, министерот Јолевски беше запознаен со работата и задачите на штабните офицери во рамките на командата Север од мисијата „Одлучна поддршка“.
Генералот Величковски на штабните офицери им посака успешна работа, при што ги нагласи важноста, сериозноста и професионалното извршување на задачите, истакнувајќи го фактот дека високите оценки и обученоста на припадниците на АРМ, претставуваат најдобрата афирмација на Република Македонија и АРМ.
Штабните офицери на АРМ во наредните шест месеци ќе извршуваат задачи на високи должности во рамките на командата Север во Мазар е Шариф, Авганистан, која е во надлежност на Германскиот Бундесвер.