Денес, 21-ви октомври 2015 година, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски оствари протоколарна средба со заменикот на амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. Гјула Шомогји.
Генералот Величковски искажа благодарност до Република Унгарија за поддршката на евроатланската интеграција на Република Македонија, како и за заложбата за прием на нашата држава во НАТО. Началникот на ГШ на АРМ го истакна задоволството од развојот на билатералната соработка на полето на одбраната со Република Унгарија, при што потсети дека таа во последниве години се движи во нагорна линија.
Министерствата за одбрана на Република Македонија и Република Унгарија имаат потпишано договор за соработка во 2002 година, од кога во воено-образовните институции на Република Унгарија се школувале голем број на припадници на АРМ. Последните години билатералната соработка на АРМ со Вооружените сили на Република Унгарија е интензивирана, особено на полето на вежбите, едукацијата, изучување на странски јазици, воената медицина и друго.
Заменик амбасадорот Шомогји нагласи дека соработката помеѓу двете армии ќе продолжи да се развива со нови проекти, што ќе претставува конкретен придонес на Република Унгарија кон евро-атланските интеграции на Република Македонија.
На средбата присуствуваше и Одбранбеното аташе на Република Унгарија за Република Македонија, полковник Виштавел Јозеф кој оваа функција ја обавува од Белград.