Вчера 18–ти јули, во рамките на официјалната посета на САД, НГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески во Вашингтон оствари средби со Началникот на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД генералот Мартин Демпси, со помошникот Државен Секретар на САД Филип Рикер, со заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД Евелин Фаркаш и со директорот на воздухопловната Национална Гарда на САД генерал-потполковник Стенли Кларк.
На средбата со генералот Мартин Демпси, на која покрај началникот на ГШ на АРМ присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во САД д-р Зоран Јолевски, беше потврдено стратегиското партнерство на двете земји и нивните вооружени сили, како и плодната билатерална соработка која во изминатиот период бележи успеси и дава резултати во делот на постигнувањето на интероперативноста, операциите и развојот на способностите и капацитетите на АРМ.
Заедничката средба со помошникот Државен Секретар на САД Филип Рикер и заменик помошникот на секретарот за одбрана Евелин Фаркаш го потврди значењето и улогата што Армијата на Република Македонија го има во придонесот на регионалната безбедност и стабилност, особено преку соработката во рамките на САД – Јадранската повелба, како и преку активностите на форумот на балканските началници на генералштабови. Заменик помошникот на секретарот за одбрана истакна дека поддршката за Армијата на Република Македонија преку финансиските воени фондови на САД ќе продолжи со истото ниво и во текот на наредната година, со што ќе се поддржат потребите на АРМ за одржување на постигнатото ниво на интероперативност и изградба на нови капацитети.
Средбата со Директорот на воздухопловната национална гарда на САД го потврди дваесетгодишното партнерство на АРМ со Националната Гарда на Вермонт кое претставува пример за соработка и за останатите земји во регионот. Истото во иднина ќе биде фокусирано на продлабочување на соработката со армиите на земјите во регионот и националните гарди на нивните сојузни партнери.
Покрај средбите во Пентагон, НГШ на АРМ во текот на вчерашниот ден го посети и институтот за интернационално лидерство „Мек Кејн“, каде се запозна со можностите на институтот, а беше презентиран и „Театарот на одлуки“ со кои се унапредува лидерството и процесот на донесување на одлуки на стратегиско ниво.
Посетата на НГШ на АРМ на САД завршува во текот на денешниот ден со положувањето на венец на гробот на незнајниот војник на меморијалните гробишта во Арлингтон, Вирџинија.