По повод Денот на Армијата на воениот стадион во Скопје се реализира традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана.
На денешната свеченост беа прочитани наредби за унапредување до чин потполковник и беа врачени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на ГШ на Армијата и МО на Република Северна Македонија.
На присутните се обрати началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој честитајќи го 31от роденден на Армијата и јубилејната 80 година од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, на сите вработени во Генералштабот и Армијата им оддаде признание и благодарност за севкупниот труд, резултати и работа во изминатата година, кои се препознаени и забележани во општеството.
Притоа генералот Ѓурчиновски истакна дека во изминатите пет години откога е на чело на Армијата ветувањата кои се однесуваат на обуката, стандардот и статусот на вработените со поддршка од министерството за одбрана се реализирани во најголем дел.
На присутните тој има порача дека имаме обврска и долг да продолжиме со ист интензитет и континуитет во остварување на сите планови и цели особено во процесот на трансформацијата и подобрувањето на борбената готовност во целина.
„Изминатиов период постигнавме навистина големи резултати, имаме јасен патоказ, каде треба да ги движиме приоритетите во периодот кој престои, тоа е наш долг и обврска кон идните генерации на нашата татковина“, рече генералот Ѓурчиновски.
Министерката Петровска во своето обраќање истакна дека е горда на професионализмот, мотивот и посветеноста со кои започнаа и се реализираат силни реформски зафати во одбраната.
„Еден министер е успешен толку колку што се успешни и соработниците, а фактите покажуваат дека одбраната функционира исклучително успешно и затоа заслугата не е моја, не е на некој поединец, туку на сите нас заедно, затоа што ние сме едно семејство, еден организам кој може да функционира само ако работиме како едно, обединети во нашата заедничка цел“, рече министерката.
Министерката Петровска им се заблагодари на припадниците на Армијата зашто секој предизвик го прифаќаат како уште една задача која ја извршуваат максимално посветено, професионално и без двоумење.
Пред почетокот на свеченоста се одаде почит на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година, по чиј повод пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година пред платото на МО/ГШ на Армијата, делегации предводени од министерката за одбрана на Република Северна Македонија, началникот на Генералштабот.
На свеченоста покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и заменикот на министерот за одбрана Тирон Јајага, заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на ГШ на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, државниот секретар во МО, Владимир Анчев.