Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа воена свеченост по повод примопредавање на должноста командант на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК). Должноста командант на 1.мпбр од бригадниот генерал Зоран Милески ја прими бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.
Согласно Правилото за воен протокол пред присутните со пригоден говор се обратија командантот на ЗОК, досегашниот командант и новопоставениот командант на 1.мпбр.
Во своето обраќање пред присутните генералот Ѓурчиновски се заблагодари на досегашниот командант за неговото залагање и учество во изградбата на 1.мпбр во високо професионална и престижна компонента на армијата секогаш подготвена за извршување на доделените задачи, потенцирајќи го ангажманот на јужната граница во поддршка на Граничната полиција како и справувањето со последиците од поплавите во скопскиот регион.
На новопоставениот командант му ја честита новата должност и изрази уверување дека мудро и умешно ќе ја води единицата, успешно справувајќи се со заканите и предизвиците насочени кон безбедноста и суверенитетот на Република Македонија.
Бригадниот генерал Милески изрази задоволство од постигнатите резултати на единицата како и благодарност до припадниците за вложениот труд, посветеност и ангажирање при изградбата на борбената готовност на бригадата.
Новопоставениот командант, бригадниот генерал Ѓоргоски истакна дека му е чест и задоволство за делегираниот авторитет да командува со најмоќната и најбројната борбена единица на АРМ и порача дека со припадниците на 1.мпбр ќе продолжат по патот на успехот и исполнувањето на најсветата обврска, а тоа е одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. На досегашниот командант му оддаде признание за покажаното лидерство и умешноста во командувањето и пренесувањето на искуството на помладите.
На крајот од воената церемонија следуваше церемонијално примопредавање на военото знаме на бригадата со што се изврши и официјално примопредавање на должноста, командант на 1.мпбр.
Бригадниот генерал Зоран Милески со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за командант на Здружената оперативна команда.
На свеченоста присуствуваа: заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор, Мухамет Рацај, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот на АРМ, поранешни команданти на бригадата, команданти на потчинетите единици и други гости.
1.мпбр од составот на ЗОК е најголемата борбена единица на АРМ која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и дава поддршка при природни катастрофи, епидемии и други опасности.