По повод затворањето на 31-то светско воено првенство во борење кое се одржа во период од 19-25 септември во ВИП Арената „Борис Трајковски“ се реализираше свеченост со сите учесници и претставници од нациите кои зедоа учество на ова првенство.
На свеченото затворање присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковнк Методија Величковски, дипломатски и воени учесници и други високи гости од Генералштабот и Министерството за одбрана.
Во рамките на програмата за свечено затворање на ова првенство во Домот на АРМ претставниците на Меѓународен совет на воени спортови (CISM) доделија 6 ордени и 1 плакета за организација на високите воени авторитети во МО и ГШ на АРМ. Исто така, на претставниците од Меѓународниот комитет на воени спортови од страна на Генералштабот им беше врачена златна значка за партнерство, координација и соработка. Плакети од 31-то Светско воено првенство во борење се доделија и на помагателите, командите и единиците од АРМ кои дадоа значајна поддршка за успешна реализација на истото.
На 31-то Светско воено првенство во борење учествуваа околу 400 спортисти од 30 земји од 4 континенти. Од нив 42 натпреварувачи биле учесници на последните две олимписки игри и светски првенства во борење. Исто така, на ова првенство има и натпреварувачи кои се носители медали од претходните олимписките игри и светските првенства. Правдата на ова првенство ја делеа 29 судии со меѓународна лиценца во борење. Република Македонија се претстави со 20 учесници, а дополнително од земјата учество земаа и 3 судии и 2 тренери.
За време на ова првенство учесниците од македонската боречка репрезентација се закитија со 3 бронзени медали во дисциплината слободен стил.
Република Македонија, која е земја членка на светското семејство на воени спортови од 2005 година, со организирањето на ваков грандиозен воено-спортски настан од светски размери, уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон воените спортови и силниот придонес кон промовирањето на спортот, пријателството и светскиот мир.