Делегацијата од Армијата на Република Македонија предводена од Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски денес го завршува учеството на НАТО конференцијата на Началниците на трансформација, која се одржува во седиштето на Врховната команда на НАТО сојузничките сили за трансформација во Норфолк – Вирџинија, Соединетите Американски Држави.
Усогласување на трансформациските процеси на армиите со воената трансформација на НАТО алијансата, како и продлабочување и унапредување на меѓусебните врски и соработка е една од главните цели на оваа годишна НАТО конференција.
Во изминатите три дена влијателни воени раководители од земјите членки на НАТО и партнерските нации дискутираат за воените можности на алијансата и партнерските земји, плановите на воената трансформација и подготовка на земјите за претстојните предизвици.
Фокусот на конференцијата е можноста НАТО и партнерските армии преку иновативни решенија и способности за прилагодување, како и преку трансформација на армиските капацитети со нови технолошки достигнувања да се подготват за потенцијалните глобални предизвици во претстојните декади.
Помеѓу останатото, на форумските сесии се обработувале теми за „Трансформацијата како долгорочен процес на прилагодување“, „Долгорочни импликации од Варшавскиот самит“, „Подобрување на донесување на одлуки преку напредните облици на пресметки“ и други актуелни теми.
Генералот Величковски за време на одржување на конференцијата оствари поголем број на средби со генерали и раководители на високи позиции во командата на НАТО и водечките земји членки, притоа разменувајќи искуства од покажаните пракси од трансформациите на армиите и идентификување на потенцијални области на соработка.
Од страна на соговорниците и овој пат е истакната силната поддршка и пофални зборови за високата обученост и прикажаните резултати на припадниците на АРМ во исполнувањето на зацртаните цели за членство во НАТО алијансата.
Значењето на оваа конференција го потврдува и бројот на учесниците, при што оваа година учествуваа повеќе од 600тини претставници од 28те земји на НАТО алијансата и 24партнерски нации, командата на НАТО за трансформација, како и претставници од воената индустрија кои за време на активноста го демонстрираат својот придонес и инволвираност во одбранбените процеси.