Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес и утре учествува на првото редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО во 2022 година, кое се одржува преку видеоконференциска врска, поради пандемијата на Ковид-19.
На дводневниот состанок, кој ќе го раководи претседавачот, адмирал Роб Бауер, началниците на Генералштабови на армиите на земјите-членки на НАТО ќе дискутираат за стратегиски прашања кои се од значење за Алијансата. Фокус на сесиите, кои се одржуваат во текот на денешниот ден во попладневните часови, ќе биде значењето и насоките за имплементација на стратегиските воени концепти на НАТО, меѓу кои и концептот за одвраќање и одбрана.
На дводневното заседание, покрај началниците на Генералштабовите учествуваат и врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Филип Лавињ.
Армијата на Република Северна Македонија, по целосната воена интеграција во НАТО, со несмален интензитет продолжува со спроведување на сите планирани активности во процесот на остварувањето на дадените цели за способности.
Воениот комитет на ниво на началници на Генералштабови одржува два редовни состанока во текот на годината, а еднаш годишно се среќаваат во една од сојузничките земји членки.