Денес, 5-ти август, во Министерството за Одбрана на Република Македонија и Генералштабот на АРМ се одржа состанок помеѓу делегација на Министерството за одбрана на Република Македонија, предводена од министерот Зоран Јолевски и на АРМ предводена од НГШ на АРМ Генерал-потполковник Горанчо Котески со висока воена делегација од САД, предводена од Високиот претставник Генерал Вилијам Фрејзер III.
Воената делегација која е во посета на Република Македонија во рамки на КАПСТОН програмата е со цел идните лидери на Воените сили на САД да се запознаат со Република Македонија и да ги согледаат можностите за развој на соработката помеѓу двете земји.
Во оваа прилика генералот Котевски, им посака срдечно добредојде на гостите и го искажа искреното задоволство што една образовна институција како што е Националниот одбранбен универзитет на САД покажа интерес за регионот, притоа одбирајќи ја Република Македонија за земја домаќин.
Во обраќањето пред присутните, генералот Котески ги искажа стратешките определби на Армијата на Република Македонија, потенцирајќи дека генерално опасностите и ризиците кои се детерминирани од страна на НАТО и ЕУ важат и за Македонија, при ова нагласувајќи дека ваквите предизвици, најдобро може да се надминат во рамките на поширока безбедносна интеграција на Република Македонија, односно нејзино членство во НАТО и ЕУ.
На крајот НГШ на АРМ на гостите им посака успешна работна посета на Република Македонија, при тоа посакувајќи гостите што подобро да ги разберат националните безбедносни цели и задачи на нашата земја, но и да добијат јасна слика на Република Македонија за нејзината културна и етничка различност, како и за македонската гостопримливост.