Во период од 21 до 23 јуни 2016 година во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Европската Команда на Армијата на САД и Армијата на Република Македонија како домаќин, се одржува третиот регионален семинар „Cyber Endeavor“ на тема Акредитација на мрежи.
На семинарот активно учествуваат претставници од 19 земји, а од Република Македонија покрај од АРМ учествуваат и претставници од МВР на Република Македонија, Агенцијата за електронски комуникации и Дирекцијата за безбедност и Класифицирани информации.
Семинарот го отвори началникот на секцијата за врски при генералштабот на АРМ, полковник Душко Несторов, при што го истакна значењето на достигнувањата во сајбер одбраната во областа на безбедноста.
Предавачи на семинарот се истакнати стручни лица од областа на сајбер безбедноста од големи мултинационални компании и безбедносни организации во светски рамки.
Овој семинар претставува серија на семинари организирани од страна на Европската Команда на Армијата на САД кој се одржува во различни земји како домаќини и е фокусиран на соработка помеѓу армиските и други организации во полето на сајбер одбраната и зајакнување на националните способности, како и подобрување на подготвеноста за распоредување на вакви капацитети во мултинационални средини за поддршка на мировни мисии, мисии за одговор на кризи и меѓународни вежби.